Во 1967 год. професорот Методи Шишков ги започна првите чекори во кошарката, така што собра дваесетина ученици од Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип и ги започна тренинзите во дворот на гимназијата. Идната година во Скопје се одиграа квалификациите за влегување во Првата кошаркарска лига во Македонија. Квалификациите успешно ги поминавме и во Штип повторно заживеа кошарката.
Кошаркарскиот клуб со име „Работник“ натпреварите ги играше во дворот на Гимназијата „Славчо Стојменски“. По 3-4 години натпреварите се играа во спортскиот комплекс „Џексон“. Почетните натпревари ги играа натпреварувачите: Благој Димов, Димитар Димитров, Миле Петковски, Љупчо Тасов, Љупчо Коцев, Павле Ѓоргиев, Делчо Толев, Мите Барбареов, Васе Ташков, Љупчо Арсов.
Од 1975 год. се играше во салата на основното училиште во Карбинци. Тогаш тренер на екипата беше Раде Илиев. Натпреварите се играа и во Основното училиште „Тошо Арсов“, а екипата го носеше името КК „Астибо“. Потоа тренинзите и натпреварите се изведуваа и во Средното електротехничко училиште „Коле Нехтенин“, додека пак свој дом и вистински услови за работа, тренинг и натпревар добивме во 2008 година, кога спонзор на екипата е Универзитетот „Гоце Делчев“. Натпреварите се одржуваа во Спортската сала „Јордан Мијалков“.
Во овој временски период Клубот имаше повеќе успешни натпреварувачки сезони, но и падови. Сепак, кошарката опстануваше во Штип. Во сезоната 2013/2014 год. Кошаркарскиот клуб „Гоце Делчев“ го освои првото место во Втората македонска лига, што претставуваше голем чекор напред за штипската кошарка и за првпат во самостојна Македонија влезе во Прва македонска лига.